И во домашна изолација може да добиете коронавирус: Еве на што мора да обрнете особено внимание!

Дури и ако сте во изолација, лесно можете да добиете коронавирус

Да повториме уште еднаш: Како да се заштитите од коронавирус? Како да одржувате хигиена? Како да ги препознаете симптомите? Со денови слушаме многу официјални и полуофицијални совети…

Но еве некои насоки од светските здравствени организации и експерти…

1. Не одете пречесто во продавница

Молекуларен биолог, Гордан Лауц, пренел истражување од New England Journal of Medicine.

Loading...

„Овој вирус што го предизвикува КОВИД-19, многу долго живее на разни површини. Најлоша е пластиката, на која може да опстане и по два дена. Па ако некој кашла во рака и потоа допира млеко, јогурт, пакети тоалетна хартија и слично, во продавница, и ако налетате на такво пакување, дури и по два дена можете да го донесете вирусот дома. Трговци внимавајте. Ако некој е сомнителен, веднаш пратете го дома, бидејќи вашата продавница ќе стане извор на зараза. Замислете само касиерката да е случајно заразена…“, напишал Лауц на својот фејсбук-профил.

Штом излезете од продавница, пред да влезете во автомобил, веднаш дезинфицирајте ги рацете. Во продавницата минуваат стотици луѓе, а вирусот може долго да живее на пластика и метал. Тоа ги вклучува и амбалажите во продавниците и количките и корпите што ги допирале стотици луѓе. Секако дека не треба да правите месечни резерви, но не треба ни да одите во продавница секој ден.

2. Собувајте ги чевлите

Кога ќе се вратите од продавница, аптека, болница или некое друго јавно место, тогаш пред да влезете во домот, собујте се и преслечете се, не влегувајте во обувките и облеката со кои сте биле надвор во други простории во станот. Не ја тресете и не ја потпирјате облеката на други работи. Може да ја ставите во машина за перење или да ја проветрите. Со дезинфекциско средство на база на алкохол испрскајте ги клучевите, мобилниот телефон, паричникот. Добро измијте ги рацете со сапун и со топла вода. Ѓоновите на чевлите исчистете ги со средство на база на хлор и оставете ги на тераса, пред врата, одвоен ходник… најдобро е да користите еден пар чевли додека трае сето ова.

3. Треба ли да ја дезинфицирате амбалажата?

Експертите наведуваат дека вирусот се задржува на пластика и други материјали со часови и денови, па затоа, сето тоа што сте го купиле (а не се расипува) можете да го ставите во некоја друга просторија, на пример во шпајз, па дури наредниот ден да го внесете во кујна. Пластичните и другите површини на амбалажите можете да ги пребришете со раствор од сапун, па потоа таа крпа да ја исперете на висока температура или да ја фрлите.

„Миењето со сапун би требало да помогне. Иако сапунот и водата нема да ги убијат сите вируси, чистењето со сапун би требало да биде доволно за отстранување на коронавирус и други микроби од површините“, напишал Њујорк Тајмс во својот водич.

За бришење на амбалажите може да се користи и оцет, иако не се знае дали ги убива вирусите и во која мера.

„Оцетот содржи киселини во себе и има способност да им наштети на бактериите и вирусите, но не би го препорачал за спречување на ширењето на коронавирусот“, вели експертот за заразни болести Амеш А. Адаља од центарот „Џон Хопкинс“.

4. Што и кога да чистите во домот?

Најмалку два пати дневно исчистете ги сите допирни површини: работните површини, телефоните, уредите, компјутерите и другите површини што ги користат повеќе лица. Работните површини што ги користат повеќе лица, покријте ги со марамче за еднократна употреба или хартија, па преку нив допирајте ги уредите. Можете секој од нив да го испрскате со малку алкохол. Секој ден чистете го домот со вообичаениот детергент и со вода. Особено често чистете ги допирните точки во домаќинството, како што се бравите на вратите, рачките на прозорците, мијалниците во тоалетите и кујните, далечинските управувачи, прекинувачите за струја и ѕвончето на врата.

5. А ако епидемијата се прошири?

Ако во вашата околина се забележи поголема појава на заразени, би требало почесто да ги чистите скалите и влезовите пред зграда, вратите, кваките, но и сопствениот дом, особено тоалетот што го користат повеќе домашни. Пред да почнете со чистење, ставете маска и ракавици. Одбегнувајте да го допирате лицето и очите за време на чистењето. Прозорците нека бидат отворени за да се проветрува просторот. Исчистете го подот со детергент и потоа дезинифицирајте го. Исчистете ги тоалетите, вклучувајќи ја тоалетната шолја и сите достапни површини во тоалетот со детергент, па потоа дезинфицирајте ги.

Немојте да користите пакување со распрскувач за нанесување дезинфекциски средства, бидејќи може да дојде до прскања кои и понатаму можат да го шират вирусот. Постелнината, навлаките, ќебето и другите ткаенини, ставете ги во машина за перење (на програма од 90 степени Целзиусови). Фрлете ги сите крпи и преостанатиот отпад што настанал за време на чистењето во пластични кеси. Извадете ги ракавиците и фрлете ги во кесата, измијте ги рацете со сапун и вода. Извадете ја хируршката маска и фрлете ја во кеса, па измијте ги рацете со сапун и вода. Целиот отпад што настанал за време на чистењето треба да го одвоите од преостанатиот отпад и да го фрлите што е можно побрзо во контејнер. Истуширајте се и преслечете се веднаш по чистењето. Оставете ги прозорците отворени или вентилацијата вклучена за да може просторијата темелно да се проветри.

6. Кои средства да ги користите?

Дезинфекција се прави со регистрирани дезинфекциски средства кои дејствуваат на вируси, според упатствата на произведувачот. Европскиот центар за превенција и контрола на болести препорачува средства на база на следниве активни супстанции: етанол, натриум хипохлорит, глутаралдехид, изопропанол, бензалкониев хлорид, натриум хлорид. Строго држете се до упатствата на произведувачот за концентрацијата на производот за време на чистењето.

7. Социјален контакт

Немојте да делите чаши, шолји, други садови и прибор за јадење со други луѓе, дури ни со домашните. Пред јадење и пиеше, секогаш измијте раце. Одбегнувајте ракување, прегрнување и бакнување и одржувајте оддалеченост од барем еден метар при разговори на отворено и два метра во затворен простор. Одбегнувајте поголеми групи на луѓе и јавни собири. Што повеќе одете и користете велосипед.

8. Миење раце

Од рацете, вирусот најдобро се отстранува со топла вода и сапун. Сапунот е на прво место како заштитно средство. Сали Бломфилд, лондонски експерт за инфекции, наведува дека најважно е да се мијат рацете и да се одбегнува допирање на носот, устата и учите. Некои мислат дека тоа е лесно, но многумина не се ни свесни дека луѓето во еден час ја допираат главата во просек 23 пати. Кога сапунот и водата не се достапни, можете да користите дезинфициенс, кој содржи најмалку 60% алкохол. Вирусот влегува во телото преку очите, носот и устата.

9. Водата не е доволна

Докажано е дека миењето раце само со вода нема ни приближно дејство во спречувањето на ширењето заразни болести. Миењето раце со сапун и вода доведува до растопување на маснотиите и нечистотиите што ги носат повеќето микроорганизми. Рацете треба да се мијат околу 30 секунди. Најпрво треба да ги натопите, па потоа да ставите сапун, добро да ги протриете дланките за да го исчистите просторот меѓу прстите. Потоа, со кружни движења треба да поминете низ дланката и горната површина на рацете. Ноктите треба да ги скратите, бидејќи под нив може да се насоберат нечистотии, бактерии и вируси.

10. Како рацете ја пренесуваат заразата

Со нашите раце допираме практично се’, со нив се ракуваме, допираме пари, фаќаме кваки, држиме рачки во автобуси… Да земеме за пример личност која има дијареја, а не ги измие добро рацете по одење во тоалет. На нејзините раце лесно може да стигнат микроорганизми од столицата. Потоа дел од тие микроорганизми остануваат на површините што личноста ќе ги допре: на бравите, на рацете на други луѓе, на тастатурата, на рачките во автобус. Ако таа личност, на пример, сечка зеленчук за салата, на неа исто така ќе прејдат микроорганизмите.

Уште подобар пример се болестите што се пренесуваат преку воздухот, како грипот. Личноста што има грип, со кашлање и кивање шири вируси во својата околина, кои на крајот завршуваат на разни површини: на подови, столчиња, мебел. Кога здрава личност ќе допре со раце некоја од тие загадени површини, ги пренесува вирусите на своите раце, а потоа допирајќи ги очите, носот или устата, се заразува и себеси.

11. Ако сте повозрасни од 60

Тедрос Адхан Гебрејесус, генерален директор на Светската здравствена организација, апелирал до сите постари луѓе од 60 години да останат дома. Се препорачува најпрво контактирање на доктор преку телефон ако на лицето му треба рецепт или совет. Луѓето на возраст од 60 години или оние што имаат некоја хронична болест, се изложени на поголем ризик од развој на потежок облик на КОВИД-19.

12. Кога треба да се посомневате дека сте заразени?

Треба да бидат задоволени следниве критериуми:

Пациентот покажува знаци и симптоми на акутна респираторна инфекција (ненадеен почеток на барем едно од следново: кашлица, зголемена телесна температура, отежнато дишење) и не може да се објаснат симптомите на друг начин и патувал или престојувал во земја со локална или раширена трансмисија на болеста, 14 дена пред почетокот на болеста;
Пациент со кој било симптом на респираторна болест кој 14 дена пред почетокот на симптомите бил во близок контакт со болен кој е класифициран како веројатен или потврден случај на КОВИД-19;

Пациент со тешка акутна респираторна инфекција – зголемена телесна температура и барем еден од знаците на респираторна болест (кашлица, отежнато дишење), која изискува хоспитализација, а која не може да се објасни на друг начин.

Општи мерки за заштита:

Редовно мијте ги рацете со сапун и со вода или користете дезинфициенс на база на алкохол.
Во автомобилот или во џеб чувајте дезинфициенс, најдобро на база на алкохол (60 или 70%)
Кога кашлате и кивате, покријте ги устата и носот со марамче, а потоа флрете го во корпа за отпадоци и измијте раце.
Ако други луѓе кашлаат и киваат, а не ставаат рака на уста, предупредете ги.
Одбегнувајте ракување, бакнување и каков било близок контакт.
Одбегнувајте близок контакт (одржувајте дистанца од најмалку еден метар, по можност и два) со сите луѓе, особено со оние што имаат симптоми на инфекција на дишните патишта, односно кои имаат најмалку еден од следниве симптоми: зголемена телесна температура, кашлица, болка во грлото и отежнато дишење.
Места и предмети на кои е возможна поголема појава на вирусот
Продавници
Шалтери (полиција, банки, државни и локални самоуправи)
Такси
Аптеки
Домови за здравје
Старечки домови
Болници
Рачки во згради
Кваки
Волан на возила
Паричници
Клучеви
Мобилни телефони
Облека и обувки (ако сте биле на јавно место)
Амбалажа од продавница.

Loading...