Огнен Јаневски: Неверна ми е твојата смрт, Јасминче. Не можам да се помирам со сите загуби периодов

Новинарот Огнен Јанески на својот профил на „Фејсбук“ информира за прераната смрт на Јасмина Спасовска, новинарка од секторот култура со која до пред некое време заедно работеле во телевизија 24. Статусот ви го пренесуваме во целост.

На овој ден, додека се спремам да отидам до гробишта за да ја посетам мојата драга другарка Раба Пачер, која нè напушти завчера, а со која последно во Загреб на кафе разговаравме како да и’ ги пренесеме книгите од Загреб во Скопје и која беше една од највпечатливите дами кои сум ги запознал во животот – толку отмена, толку возвишена, толку своја, а ми беше дел од семејството преку Нора, Изета и Бени, и исто така на овој ден кога го спомнувам татко ми најмногу, поради тоа што на денешен нè напушти и тој пред четири години, сабајлево ме скрши информацијата за прераната смрт на колешката, Јасмина Спасовска – новинарка за култура, со која заедно работевме во ТВ 24 до пред некое време.

Зошто колешке, Јасмина? О, ти прекраснице на убавиот пишан збор. Вљубенице во културата и уметноста која постојано се бореше во овие извитоперени времиња да внесеш нови вести за гледачите, известувајќи ги за новите концерти, изложби, театарски претстави! Зарем до толку ти дојде одеднаш времето, та да нè напуштиш сите од овој свет?

Се сеќавам, лани кога постојано ти кажував дека твоето место е пред камерите и дека треба со тој глас и стас директно да известуваш на линкови, а ти со мене се бореше дека сакаш да си бидеш известувачка од зад камера. Кога се боревме заедно што повеќе уметност и култура да внесеме во вестите, во емисиите… кога буквално те повлеков да влезев во студиото за вести, да известуваш директно оттаму, а ти спокојно ми рече дека не сакаш.

Loading...

Неверна ми е твојата смрт, Јасминче. Не можам да се помирам со сите загуби периодов, кога пишувам последни поздрави до толку многу луѓе со кои сум соработувал, со кои сум делел борби за опстанок на убавото меѓу грдото.

Многу луѓе загубивме.

Јасмина, сигурен сум дека таму горе ќе се најдете со татко ми и со Раба и вечно за уметноста ќе разговарате вие тројцата, иако лично овоземно не се знаевте. Ќе разговарате за изложбите. За сликите. За скулптурите. За највозвишеното.

Бев горд што додека бев главен и одговорен уредник во ТВ24, ти ми беше дел од тимот од новинари. Не требаше да си заминеш. Не ти беше времето. Требаше повторно да работиме заедно.

Почивај во мир, Раба и Јасмина. Секогаш ќе ве спомнуваме поради вашата кроткост, милост, а сепак борбена посветеност. И чувајте го татко ми.

ARS LONGA, VITA BREVIS!

Loading...